Правилa на студирање

Врз основа Правилникот за единствените правила за студирање на прв и втор циклус на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје, Факултетот за ветеринарна медицина ги применува следниве правила на студирање и кредит-систем:

  • Секој предмет од студиската програма е обележен со код, со кој се дефинираат програмските содржини, методите на настава и учење и начинот на проверка на знаењето и оценувањето
  • Секоја предметна програма се изразува со точно определен број кредитни поени, со кои се искажува целокупната оптовареност на студентот за совладување на истата
  • Кредитни поени се доделуваат само на оние студенти кои ќе ги исполнат условите за полагање и успешно ќе ја завршат предметната програма. Условите што треба да ги исполни студентот за успешно завршување на предметната програма се дефинирани од носителите на наставната програма
  • Бројот кредитни поени што студентот треба да ги оствари за да се здобие со одредена стручна подготовка се движи:
    – за еден семестар до 30 кредитни поени
    – за една година до 60 кредитни поени
  • Студентот во секој семестар запишува предмети со вкупно 30 кредити.
  • Студентот може да полага испит од определена предметна програма откако ќе ги оствари условуввачките критериуми предвидени со програмата
  • Видот, карактерот и начинот на реализација на завршните испити за соодветните предметни програми се дефинирани во студиската програма
  • Условувачките критериуми, т.е. претходно совладаните предметни програми како услов за запишување во нареден семестар или повисока година на студии се исто така дефинирани во студиската програма
  • Условите и критериумите дадени во студиската програма имаат за цел да му овозможат на студентот насочување во смисла кои предмети треба да ги положи за да запише нареден семестар или повисока година на студии според студиската програма
  • Студентот кој запишал едносеместрални предмети во зимскиот семестар, на завршното оценување може да се јави во терминот во јануари, а доколку не постигне позитивен резултат, може повторно да се јави во наредните два испитни термини (мај/јуни и август/септември). Студент кој запишал едносеместрални предмети во летниот семестар, на завршното оценување може да се јави во испитниот термин во месец јуни, а доколку не постигне позитивен резултат – како услов за стекнување кредити, може да го полага испитот во месеците август/септември и јануари.
  • Студентот може да ги запише предметните програми од наредниот семестар или од повисоката студиска година, доколку ги исполни условите и критериумите што се дефинирани во студиската програма
  • На крајот на секој семестар се спроведува анонимна анкета за секој наставен предмет пооделно

Проверка на знаењата и оценување

Во зависност од карактерот на предметната програма, знаењата на студентот се проверуваат континуирано во текот на наставно-образовниот процес (преку периодични проверки) и завршно (со испит).
Преку континуираното оценување, студентот стекнува бодови за секоја активност пропишана со соодветната предметна програма.
Предмет на оценување (бодување) на студентот во текот на наставно-образовниот процес може да биде и посета на предавања, успешно реализирани вежби, успешно реализирана практична работа, изработка на семинарска работа, теренска работа, самостојна/домашна работа, извршени консултации, учење во библиотека, менторство на други студенти, изработка или реализирани проекти, освоени награди/пофалници и други студентски активности.
Завршната оценка на успешно совладаната предметна програма, претставува збир на бодовите од периодичната проверка на знаењето, бодовите од пропишаните активости на студентот во текот на наставно – образовниот процес (посета на предавања, вежби, семинарска работа и др.) и бодовите од завршната проверка на знаењето.
Периодичната проверка на знаењата се врши писмено, по пат на тестови или практично (колоквиуми), во зависност од карактерот на предметната програма. Писмениот начин на проверка на знаењето (тестот) како форма на проверка на знаењата се одржува по претходна најава и трае по правило најдолго 2 школски часа. За една предметна програма може да се организираат најмногу 2 до 3 теста во текот на еден семестар.
Писмениот начин на проверка на знаењето (тестот) е од типот на повеќекратен избор (најмалку 4 понудени одговори од кои само еден е точен) или комбинација на дел составен на принципот на повеќекратен избор и дел кој се состои од прашања за дополнување или друг отворен тип прашања (совпаѓање, конструкција).
Бројот прашања опфатени со писмениот начин на проверка на знаењето се во склад со потребите и особеностите на предметната програма.
Предметната програма се смета за успешно совладан доколку студентот преку периодичната проверка на знаењето и пропишаните активости во текот на наставно-образовниот процес освои најмалку 60% од можните 100% бодови предвидени со предметната програмa.
Кај поедини предмети доколку студентот не покажал успех на една или на двете од предвидените периодични проверки на знаење наставникот може да предвиди писмена или усмена завршна проверка на знаење (завршен испит) која ќе се однесува на периодичната проверка од која не е покажан успех.
На завршна проверка на знаење (завршен испит) кај поедини предмети студентот може да пристапи откако ќе оствари минимален број бодови од пропишаните активности (предавања, вежби, семинарска работа и др.) и периодичната проверка на знаење предвидени со предметната програма.
Завршниот испит од соодветната предметна програма може да е устен, односно практичен (дел од практичната настава) или писмен. Предмет на завршниот испит по правило не би требало да биде повторна проверка на знаењето што студентот успешно ги демонстрирал за време на периодичната проверка. Прашањата на писмениот и усмениот завршен испит мора да бидат опфатени со понудената програма и/или листата на прашања, односно компјутерска база на прашања.
Одговорите на прашањата задолжително се опфатени со достапните основни учебни помагала претходно одобрени заедно со наставните програми од страна на Наставно-научниот совет на Факултетот и објавени на јавно место (огласна табла), дадени во информативниот пакет и/или интернет страницата на Факултетот на почетокот на учебната година.
Завршниот испит, по правило се држи во еден дел. Доколку испитот е писмен може да трае најмалку 1, а најмногу 2 школски часа. Резултатите од писмениот испит се објавуваат во рок од 2 дена од денот на одржување на завршниот испит. Овој рок може да биде и подолг, доколку постојат оправдани причини што ги цени продеканот за настава. Студентот има право на увид во писмено изработениот завршен испит во рок од три дена по објавувањето на резултатите од испитот, или во термин што го објавува предметниот наставник.
Доколку завршниот испит се изведува како устен, тој се организира како јавен испит во присуство на други студенти. Завршниот резултат (освоените бодови) наставникот ги објавува по одржаниот завршен испит.
Кај поголемиот број на предмети во завршната оцена (вкупно освоените бодови) присуството на теоретската настава учествува со најмногу 15%, присуството и активноста (знаењето) на практичната настава учествува со најмногу 30%, семинар-ските работи и домашните задачи со најмногу 10%, тестовите (колоквиумите) учествуваат со најмногу 20%, а завршниот испит со најмногу 25% од можните 100%.
Предметната програма се смета за успешно совладана ако студентот освоил најмалку 60% од можните 100% со предметната програмa.
Кај поедини предмети доколку студентот при континуираната проверка на знаењето (тестирањето) не покаже задоволителен резултат на една или на двете од предвидените проверки, а го остварил предвидениот минимален број бодови од посета на предавања и вежби, може да пристапи кон комплетен завршен испит. Комплетен завршен испит претставува комбинација на континуирана проверка на знаењето (од делот за кој не е покажан задоволителен резултат) и на завршниот испит.
Студентот има право да излезе на завршен испит од поедина предметна програма до 3 пати во рок од една година од запишувањето на предметната програма.
Завршната оценка за предметната програма се изразува квантитативно со нумеричка бодовна вредност и оценка адекватна на бодовната вредност, од 5 (пет) до 10 (десет). Со оценката 5 (пет) се оценува студентот кој не ја совладал успешно предметната програма т.е. оценката 5 (пет) означува недоволен успех.

Бодови          Оценка
до 50               5 (F)
51-60               6 (E)
61-70               7 (D)
71-80               8 (C)
81-90               9 (B)
91-100            10 (A)

Успешно совладаната предметна програма е услов студентот да се стекне со потребниот број кредити пропишани со предметната програма. Елементите од кои зависи успешното совладување на одделните предметни програми, условите за пристапување на проверката на знаењата, испитните барања, формите и начинот на проверка на знаењата и на оценувањето се утврдени со предметните програми.

Испитни сесии

Завршна проверка на знаењата (испит) се изведува во три испитни сесии, предвидени со Законот за високо образование:
1. јануарска (од 14 јануари до 15 февруари),
2. мајско-јунска (од 3 јуни до 28 јуни) и
3. августовско-септемвриска (од 26 август до 27 септември).

Термините за одржување на испитите во секоја сесија се закажуваат благовремено при крајот на секој семестар и се огласуваат на огласна табла и/или на веб страницата на Факултетот. Следењето, водењето и административната поддршка на студентите во текот на студирањето се регулираат со актите на Универзитетот.

Учебна година, семестрална настава

Почетокот и завршувањето на академската година, односно на одделните семестри се предвидени со Законот за високо образование:
• Академската година започнува на 1 октомври, а завршува на 31 мај следната година.
• Наставата во зимскиот семестар започнува на 1 октомври, а завршува на 11 јануари (15 недели).
• Наставата во летниот семестар започнува на 18 февруари, а завршува на 31 мај истата година (15 недели).