Докторски студии

Третиот циклус на студии – докторските студии на Факултетот за ветеринарна медицина-Скопје како интегративен сегмент на последипломските студии на УКИМ се организираат и реализираат од Школата за докторските студии на УКИМ, од учебната 2011/2012 година, согласно на правилата на Европскиот кредит трансфер систем, втемелен во Болоњската декларација и усогласен со најрелевантните нормативни акти, конференции, декларации, семинари посветени на оваа тематика од 2003-2009 година.

Третиот циклус на студии претставува надградба во заокружувањето на стручните вештини и компетенции и способностите за научно-истражувачка работа на дипломираните доктори по ветеринарна медицина и другите сродни дисциплини. Школата за докторски студии ги има втемелено основните принципи за едукација и наука кои ќе гарантираат воедначен квалитет на дипломираните последипломски студенти.

Овие докторски студии имаат современ наставен курикулум кој овозможува целовитост, систематизиран пристап и комплексност во последипломската едукација на идни доктори на науки. Целите на овие студии се да се обезбеди сеопфтано знаење на научните теории, методологии и инструменти кои ја сочинуваат основата за истражување во ветеринарните науки и јавното здравство; развивање на способностите за индивидуално разбирање и справување со зададените задачи и теми; подготовка за индивидуално истражување и едукација во ветеринарната медицина преку академски, приватни и јавни истражувачки и консултациски организации; обезбедување на достапност на експертски вештини при дизајнирање на истражувањата, методите и дисеминацијата.

Студиските програми за докторските студии од областа на ветеринарните науки на студентите кои го завршиле интегрираниот прв и втор циклус на додипломски студии на факултетот за ветеринарна медицина (330 кредити) и на студентите од останатите регулирани професии и други сродни професии им овозможуваат да ги усовршат компетенциите на самостоен истражувач и по освоени 180 кредити, да се стекнат со звањето доктор на науки.

Според првите Решенија за акредитација 12-95/5 од 04.03.2011 година и 12-223/2 од 25.07.2012 година, добиени од страна на Одборот за акредитација и евалуација на високото образование на Република Македонија, на Факултетот за ветеринарна медицина во Скопје се акредитирани 2 студиски програми од трет циклус студии во траење од три години.

  • Студиска програма – ВЕТЕРИНАРНА МЕДИЦИНА – со чие завршување студентите се стекнуваат со научен степен: Доктор на науки по ветеринарна медицина
  • Студиска програма – БЕЗБЕДНОСТ НА ХРАНА  со чие завршување студентите се стекнуваат со научен степен: Доктор на науки по безбедност на храна.

Студиските програми во 2017 година се ре-акредитирани со Решенијата за акредитација добиени од Одборот за акредитација и евалуација на високото образование на Република Македонија и тоа 17-360/4 од 09.03.2017 година за докторскиот студиум “Безбедност на храна” односно 17-361/5 од 09.03.2017 година за “Ветеринарна медицина” со што се овозможија услови за континуирана последипломска едукација на Факултетот за ветеринарана медицина во Скопје.

Студискaтa програмa по Безбедност на храна е реакредитирана по втор пат во 2020 година со Решение за акредитација добиено од Одборот за акредитација на високото образование на Република Северна Македонија бр. 08-125/4 од 20.11.2020 година.

Решение за почеток со работа на студиска програма од трет циклус на студии по Безбедност на храна на Факултетот за ветеринарна медицина-Скопје