Ветеринарна медицина – интегрирани студии од прв и втор циклус (додипломски студии)
Целта на додипломските студии по ветеринарна медицина е формирање на високообразвната квалификација доктор по ветеринарна медицина, која покрај грижата за здравјето на животните, игра значителна улога и во јавното здравство и тоа преку обезбедување здрава и квалитетна храна од анимално и растително потекло. Ветеринарите, со својата незаменлива улога во производството и прометот на храната ја поттикнуваат довербата на потрошувачите како и успешноста на сточарското производство.
Со завршување на академските студии на ФВМС, дипломираниот доктор по ветеринарна медицина се здобива со компетенции за: лекување на животните; решавање на проблематиката на ветеринарното јавно здравство; учество во заштита на човековата околина; изведување на теренска, клиничка и лабораториска дијагностика; превентивно сузбивање на заразните болести и зоонозите; проектирање и учествување во изработка на програми за развивање и унапредување на дејноста на сточарското производство и производството на прозиводи од животинско потекло и животински прозиводи; и развивање на сите облици на заштита на животите и животната средина, негување на етиката и хуманиот однос кон животните.
Интегрираните студии од прв и втор циклус по ветеринарна медицина на Факултетот за ветеринарна медицина се организирани во 5,5 години или 11 семестри (330 кредита).
Предметните програми (предметите) се организирани како задолжителни, и изборни:
– задолжителните предмети студентот задолжително ги запишува секој семестар, доколку ги исполнил условувачките критериуми предвидени во студиската програма;
– изборните предмети студентот ги запишува во зависност од сопствените желби и од сопствениот план за дообразба и продлабочување на своето знаење и вештини.
Оваа студиска програма е од интегриран тип поради запазувањето на пропозициите на Директивата 2005/36 ЕС на Европската Унија за регулираните професии, во кои спаѓа и ветеринарната професија. Исто така, во дизајнирањето на програмата се запазени и пропозициите на Европската асоцијација на ветеринарни факултети (European Association of Establishments for Veterinary Education – EAEVE).
Во текот на првите десет семестри студентот треба да ги запише и совлада задолжителните базични, предклинички и клинички наставни предмети (т.н. јадро, core), како и дел од понудените изборни предмети.
Единаесетиот семестар е предвиден за стекнување практични искуства и вештини во ветеринарната практика преку задолжителната ротација на клиниките за домашни миленици, клиниката за фармски животни и пракса во претпријатија за производство на храна од животинско потеко.
Освен тоа во склоп на тенденцијата за специјализирана дообразба (насочување на студентот, т.н. тракинг), во овој семестар на секој студент врз основа на желбата и бројот на слободни места ќе му биде овозможено да избере поедини предмети од четирите групи на изборни предмети поврзани со поединото насочување (1. домашни миленици; 2. фармски животни; 3. хигиена на анималните продукти и ветеринарно јавно здравство и 4. биологија и патологија на риби, пчели, дивеч, анимална хигиена, екологија и етологија). Студентите ќе се насочуваат на тој начин што на почетокот на единаесетиот семестар од можните четири насочувања (претходно наведени) ќе одберат примарно и алтернативно насочување. Доколку на поединото насочување се пријават повеќе кандидати од бројот на слободни места, предност за упис во примарното насочување ќе имаат подобрите студенти. Успешноста на студентот ќе се утврдува врз основа на освоените ЕКТС кредитни поени и просекот на оцени до запишувањето во единаесети семестар.
Во текот на единаесеттиот семестар студентот ќе биде задолжен да помине и 210 работни часови самостојна пракса во некоја од ветеринарните организации (т.н. екстрамурална пракса) со цел запознавање со опсегот на идната професија.
Како потврда на успешноста во совалдувањето на основите на научната работа студентот во единаесетиот семестар ќе треба да пријави, подготви и одбрани дипломска работа. Студентот ќе може да ја брани изработената дипломска работа по освојувањето на вкупно 320 кредитни поени, а успешната одбрана ќе носи 10 поени.
Студентот кој ќе заврши интегрирани академски студии од прв и втор циклус во траење од 5,5 години (11 семестри) и освои 330 кредитни поени се здобива со диплома и додаток на диплома (diploma supplement) за завршен Факултет за ветеринарна медицина и се стекнува со високообразовната квалификација (титула) доктор по ветеринарна медицина (ДВМ). Оваа високообразовна квалификација е со еквивалент на мастер (магистер) и со тоа на дипломантот се обезбедува директен влез во третиот циклус на универзитетските докторски студии.
- Преглед на предметните програми опфатени во интегрираните студии по ветеринарна медицина од прв и втор циклус на Факултетот за ветеринарна медицина – Скопје може да се види овде.
- Подетално за оваа студиска програма може да се види овде.
- Решението за акредитација на студиската програма Ветеринарна медицина прв и втор циклус интегрирани студии на Факултетот за ветеринарна медицина при Универзитетот „СВ. Кирил и Методиј“ во Скопје може да се види овде.
- Решението за почеток со работа на студиската програма од прв и втор циклус интегрирани студии по Ветеринарна медицина на Факултетот за ветеринарна медицина при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје може да се види овде.