На Конференцијата „Наука за развој, заедно е возможно“ која се одржа на ден 23.11.2021 година во хотел Александар Палас, организирана од страна на Министерството за образование и наука, беа доделени договорите за научно- истражувачки проекти врз основа на претходно објавениот Конкурс за финансирање на научно-истражувачки проекти од посебен и јавен интерес за 2021 година (поддршка за развој на лабораториски ресурси).
Факултетот за ветеринарна медицина-Скопје доби два научно-истражувачки проекти. Со проектот „Развој и валидација на мултирезидуални и мултикласни аналитички методи за определување на остатоци од лекови и контаминенти со употреба на изотопски обележани интерни стандарди и примена на техниката LC-Q/TOF“ чиј носител е проф.д-р Зехра Хајрулаи Муслиу со својот тим, ќе се овозможи набавка на високо-софистицирана опрема со која ќе се овозможи развој на мултикласни и мултирезудуални методи, односно воспоставување на еден единствен метод со кој истовремено ќе се анализираат остатоци од лекови и контаминенти во биолошки матрикси и храна. Со ова Факултетот за ветеринарна медицина-Скопје ќе биде лидер во регионот, поради фактот што развојот на овој тип на методи е во зачеток и во подем на светско ниво и сеуште постојат многу мал број на методи од овој тип. Другиот проект со наслов „Опремување и оспособување на Лабораторија за хигиена на животните и заштита на животната средина“ чиј носител е доц. д-р Мирослав Ќосевски со својот тим, ќе се овозможи зајакнување на капацитетот на Факултетот, а особено на лабораторија за хигиена на животните и заштита на животната средина.