Во периодот од 3 до 5 март, на Факултетот за ветеринарна медицина беше реализирана кратка обука за примена на ISO 17025 стандардот во молекуларна лабораторија и акредитација на PCR методи. Обуката беше испланирана и организирана во рамки на билатералната соработка која Факултетот ја има со Специјалистичката ветеринарна лабораторија (СВЛ) од Подгорица, Црна Гора. Обуката имаше за цел да на учесниците од СВЛ (1 раководител и 1 ветеринарен техничар од одделот за молекуларна дијагснотика) им се пренесе техничко и практично знаење и искуства релевантни за акредитирање на PCR методи за дијагностика на заразните болести кај животните. Учесниците беа запознати со специфичните технички барања на ISO 17025 стандардот во делот на компетентност на персоналот, калибрирање и одржување на опремата, валидирање и верификување на користените методи, континуирано следење на перформансите на имплементираните методи, добра лабораториска практика и рутинска примена на PCR контроли.
Обуката беше реализирана во лабораторијата за молекуларна дијагностика на Ветеринарниот институт, под надзор на проф. д-р Игор Џаџовски и проф. д-р Кирил Крстевски. Покрај обуката, со колегите од СВЛ дискутирани беа и нови полиња на можна соработка.