Факултетот за ветеринарна медицина – Скопје врши наставно-образовна, научно-истражувачка и апликативна дејност од областа на ветеринарната медицина.
Дејноста на ФВМ-С се остварува преку организирање студии, пренесување на знаења, развој и промоција на образованието и науката во ветеринарното здравство во Македонија, развој на креативните способности, подготвување на студентите за професијата доктор по ветеринарна медицина за кое е потребно стручно знаење и способност за научен пристап во работата, поттикнување на технолошкиот развој во ветеринарството и градење позиции за иднината.
Покрај грижата за здравјето на животните, Факултетот игра значителна улога и во јавното здравство и тоа преку обезбедување здрава и квалитетна храна од анимално потекло. Во својата апликативна дејност, ФВМ исто така е фокусиран и кон имплементација и одржување на стандардите за квалитет ИСО 17 025, со цел услугите за задоволување на барањата на клиентите да бидат на значително повисоко професионално ниво.
Остварувањето на наставно-образовната дејност на Факултетот се одвива преку организирање додипломски и последипломски (докторски студии) со стекнување научен степен доктор по ветеринарна медицина еквивалент на магистер и доктор на науки од подрачјето на ветеринарната медицина.
Методите на работа преку кои се остварува политиката на Факултетот се:
- тимска работа на повеќе наставно-научни кадри од посебен профил, зависно од природата на проблемот што е предмет на анализа, третман и решавање.
- примена на амбулантски и болнички пристап во лекувањето, со согледување на причините и последиците за настапување на промените, со градење и предлагање мерки за нивно отстранување, ублажување и спречување на пропратни компликации.
- примена на научно-статистички методи во научниот И апликативниот пристап, со што се прошируваат знаењата во врска со законитостите кои ја следат технологијата на анималното производство, што е од особено значење кога се имаат предвид строгите барања на европскиот и светскиот пазар при трговијата со добиток и производите од животинско потекло.
- примена на социјално-медицински и епидемиолошки методи во согледување на здравствената состојба и пронаоѓање начини за решавање на проблемите од патологијата, која има своја социјална и економска вредност.
Во рамките на својата основна дејност, Факултетот за ветеринарна медицина ги применува следниве принципи на работа:
- принципот на научност, кој во реализацијата на наставнообразовната и научно-истражувачката дејност е заснован на примена на современите научни сознанија од областа на ветеринарната медицина и другите компатибилни научни дисциплини преточени во практиката.
- принципот на реалност, кој се состои во евалуација на постигнатите резултати во рамките на апликативните активности, во смисла на задоволување на резултатите од даденото и очекуваното во дадени околности и услови.
- принципот на перманентно зголемување на ефикасноста и квалитетот на едукацијата како одраз на творечкото и работно ангажирање на наставниот, научниот и соработничкиот кадар, како и ангажирањето на самите студенти.
Преку научното усовршување на кадри кои се бават со научно истражување, едукација, развој и апликација од областа на ветеринарното здравство, ФВМ-С врши перманентно унапредување на ветеринарната здравствена заштита, продукција, репродукција, хигиена и технологија на производите од животинско потекло, како и исхраната и благосостојбата на домашните животни.