Универзитетската ветеринарна болница е составен дел на Факултетот за ветеринарна медицина во Скопје, која има за цел да им обезбеди целосна и ефикасна нега на домашните миленичиња, исполнувајќи ги реалните очекувања на сопствениците, следејќи ги најновите достигнувања во ветеринарната медицина. Универзитетската ветеринарна болница започна со работа во 2012 година, со работно време од 08-16 часот, од понеделник до петок. Во текот на летниот период, приемот и прегледот на пациентите е со скратено работно од 09-13 часот. Универзитетската ветеринарна болница е со работна површина од приближно 200м2 работен простор, кој опфаќа: приемно одделение и чекална, стационар, просторија за подготовка, пакување и стерилизација на хируршките инструмети, две простории за преглед, прием и терапии на домашните миленици, хематолошка и биохемиска лабораторија, просторија за ултразвучна (ЕХО Доплер) дијагностика и хируршки блок, кој се состои од просторија за преглед, подготовка и вовед во анестезија и хируршка сала. Дополнително, во рамките на Факултетот за ветеринарна медицина непречено функционираат и лабораториите за Микробиолошка, Паразитолошка и Патохистолошка дијагностика, како и кабинетот за Рентгенска дијагностика.
Целта на Универзитетската ветеринарна болница е да ги обедини на едно место сите услуги на современата амбулантска дијагностика, терапија и хируршки интервенции, бидејќи само на тој начин може да се обезбеди целосен успех. За да постигнеме најдобар можен квалитет на нашите услуги, Факултетот за ветеринарна медицина овозможува дополнително усовршување на стручниот кадар, како и соработка со експерти од Р. Македонија и соседните земји.
Секојдневните прегледи, дијагностики, терапии и хируршки интервенции во Универзитетската ветеринарна болница се изведуваат од страна на стручно-образовен кадар од редот на наставници и соработници, вработени на Факултетот за ветеринарна медицина во Скопје. Покрај тековната работа, во УВБ се изведува и практичната настава за едукација и обука на студентите, почнувајќи уште од првата година на студиите се до стажирањето, по дипломирање и стекнување на звање Доктор по ветеринарна медицина.
Основна намена и услуги
Приемен оддел (чекална) – е наменет за прием и првичен контакт со сопствениците и домашните миленици, како и прием на итни (ургентни) пациенти. Просторот е функционално поврзан со останатите простории за преглед и дијагностика, како и со хируршкиот оддел.
Простории за преглед, дијагностика и терапија – овие простории се наменети за спроведување на вообичаените клинички прегледи, консултации, превентива на домашните миленици (редовна вакцинација, дехелминтизација и заштита против ектопаразити), земање на материјал за дополнителни анализи (крвна слика, биохемија, паразитолошка и микробиолошка дијагностика), како и започнување со соодветни терапевтски протоколи. Дополнително, се вршат и специјализирани интернистички испитувања од областите на гастроентерологија, ендокринологија, кардиологија, пулмологија, репродукција, урологија и неврологија, како и бројни офталмолошки и стоматолошки прегледи и ендоскопија на домашните миленици.
Електрокардиографијата (ЕКГ) заедно со ехокардиографијата и рентгенската дијагностика овозможува дијагностицирање на бројни вродени или стекнати срцеви заболувања кај домашните миленици. Вродените заболувања најчесто се манифестираат кај помалите раси уште на рана возраст (најчесто промените се манифестираат на срцевите залистоци), додека стекнатите заболувања се јавуваат во подоцнежна возраст кај сите раси на кучиња и мачки (со посебен осврт на срцевиот мускул). Благодарение на електрокардиограмот кој ги регистрира и забележува промените на електричната спроводливост на срцето, можеме навремено да ги дијагностицираме и лекуваме животнозагрозувачките аритмии кај домашните миленици (вентрикуларна тахикардија, AV блок од висок степен, патологија на синусниот јазол и многу други). Самиот преглед е едноставен, безболен и не одзема многу време (не повеќе од 5-15 минути) и со помош на поставените електроди на телото на пациентот добиваме значајни информации за работата на срцето на нашите пациенти.
Ендоскопијата е безболна дијагностичка метода која овозможува директно набљудување на внатрешноста на органите и деловите на телото со помош на високо квалитетна дигитална камера. Ендоскопија не само што обезбедува директно набљудување на проблемот (пр. чир на желудник или црево) дополнително овозможува негово брзо и не-инвазивно (без хируршка интервенција) санирање. Покрај тоа што ендоскопскиот преглед се смета за кратка и не-инвазивна метода, за разлика од хуманата медицина, во ветеринарната медицина ендоскопијата се изведува во целосна анестезија. Ендоскопскиот преглед на гастроинтестиналниот систем опфаќа биопсија, езофагоскопија, гастроскопија, дуоденоскопија, колоноскопија и отстранување на страни тела. Слично е и со респираторниот систем, каде најчесто се применува за биоспија, риноскопија, трахеоскопија, бронхоскопија, отстранување на страни тела и бронхо-алвеоларна лаважа. Што се однесува до уринарниот систем, прегледот е сведен на цистокопија и вагиноскопија.
Во Универзитетската ветеринарна болница, ендоскопскиот преглед се изведува со помош на преносен видеоендоскоп Videoendoscope VMEC-85, со кој се овозможува комплетен, не-инвазивен преглед на гастроинтестиналниот систем, биопсија, отстранување на страно тело од хранопроводот и желудникот. Континуирано намалување на телесната тежина на пациентот, долготрајно повраќање, дијареа, присуство на крв во изметот, сомнеж за страно тело или неоплазми се дел од индикациите за изведување на ендоскопијата (гастроскопија).
Стационар – наменет е за пациенти кои се на секојдневно лекување, опремен е со кафези кои лесно се одржуваат и обезбедуваат комфор на нашите пациенти.
Просторија за подготовка, пакување и стерилизација на хируршките инструмети – служи за миење на валканите инструменти и нивно пакување и стерилизација во Автоклав (Sting 11 type B) до следната хируршка интервенција.
Лабораторија – заради посигурен и побрз пат до поставување на соодветна дијагноза, особено внимание се посветува на одделот на лабораториска дијагностика. Повеќето дијагностички процедури не побаруваат долг временски интервал и истите можат да се спроведат додека сопствениците со домашните миленици се сеуште во болницата. Со помош на соодветната опрема, се овозможува во најкраток временски период да се добијат готовите резултати од преглед на крвта (комплетнма хематологија, биохемија и крвен размаз) и урината со цел спроведување на соодветната терапија (Exigo EOS Vet и ChemWell). Рутинската предоперативна анализа на крвта е препорака за секој наш пациент, со цел навремено да се откријат евентуалните отстапувања од нормалните, референтни вредности на пациентот пред да ги покаже клиничките симптоми. Цитолошките препарати добиени со помош на апсирација со игла (FNA – fine needle aspiration) помагаат во диференцијација на настаната промена и често пати не води кон точната дијагноза.
Просторија за ултразвучна (ЕХО Доплер) дијагностика – ултразвучната дијагностика е широко применета софистицирана метода во секојдневната клиничка пракса. Ултразвучната дијагностика претставува не-инвазивна и брза дијагностичка метода, со која лесно може да се добијат информации во однос на структурата на органите во абдоменална и градна празнина, како и да се дојде до конечната дијагноза. Ултразвукот се повеќе се применува во дијагностика на бројни заболувања на органите во абдоменалната празнина (црн дроб, бубрези, дигестивен, уринарен и репродуктивен систем), срцето и васкуларниот систем (ехокардиографија), заболувања поврзани со локомоторниот систем (повреди на тетиви), како и за дијагностика на бројни репродуктивни пореметувања и следење на гравидитет кај домашните миленици. Постојат повеќе видови на апарати за ултразвучна дијагностика, од кои Колор Доплер (Color Doppler) е помеѓу најновите. Покрај стандардниот преглед, со помош на колор Доплерот се овозможува мерење на брзината на протокот на крв во одредена регија, а добиените информации се покажуваат на екранот во форма на дводимензионална слика во боја. Ултразвучниот преглед во Универзитетската ветеринарна болница се изведува со помош стандарден ултразвук со микроконвексна сонда (Mindray DP-6600 Vet) и колор Доплер (ESAOTE MyLab 30 Vet Gold)
Хируршки блок – се состои од просторија за преглед, подготовка и вовед во анестезија и хируршка сала. Постојат бројни причини зошто домашните миленици се подложни на одредени хируршки интервенции. Хирургијата, како ткивна процедура овозможува дијагностика и терапија на бројни заболувања милениците. Поделбата на хируршките интервенции е најчесто во однос на топографските регии или органи и органски ситеми каде се изведува хируршкиот зафат.
Во Универзитетската ветеринарна болница, согласно светските стандарди на ветеринарната хирургија, во строго асептични услови, секојдневно се извршуваат бројни елективни и сложени хируршки интервенции. Покрај елективните и рутинските интервенции кои се составен дел на мекотивната хирургија (кастрација и овариохистеректомија, обработка на рани, реконструктивна хирургија, хируршка корекција на хернии, царски рез, ултразвучно чистење на забен камен, екстракција на заби и многу други), се изведуваат и сложени хируршки интервенции од делот на ортопедијата (едноставни и сложени фрактури, остеотомии, ампутација, луксација на коскофеморален зглоб, FHO, луксација на патела, руптура на преден вкрстен лигамент (ACL) спинална хирургија и сл.), орална хирургија, абдоменална хирургија (торзија на желудник, гастротомија, ентеротомија, ресекција на црева, уретротомија, уретростомија, ектопичен уретер, нефректомија), онколошка хирургија и хирургија на респираторниот систем.
Освен итните случаи, сите хируршки интервенции се изведуваат со претходно закажување, кога на сопствениците им се објаснува планот за анестезија и хируршка интервенција, сопственикот ја потпишува писмената согласност за анестезија и хируршка интервенција. Претходно, се изведува детален клинички преглед кога се проценува здравствената состојба на пациентот и се врши негова класификација според ASA системот (American Society of Anesthesiologist). Интраоперативната болка претставува најголем проблем во текот на хируршката интервенција. Целта на современата анестезија и аналгезија е да се намали стресот и болката на пациентот, со цел да се овозможи непречена работа на хируршкиот тим. За таа цел, користиме соодветни анестетски протоколи во комбинација со аналгетици кои овозможува милениците да не чуствуваат болка за време, и по завршувањето на хируршката интервенција (т.н мултимодална аналгезија).
Одржувањето на соодветна длабочина на анестезија се повеќе се изведува со помош на инхалациона (гасна) анестезија. Предноста на инхалационата анестезија е пред се во контрола на длабочината на анестезијата и контрола на дишните патишта. Одржувањето на анестезијата во нашата болница се изведува со помош на полузатворен систем на инхалациона анестезија MATRIX, додека интраоперативниот мониторинг се изведува преку следење на виталните параметри (респирации, пулс, сатурација со кислород, капнографија и телесна температура) со помош на мониторот за витални функции EDAN IM8Vet. По завршување на хируршката интервенција, пациентите ги поставуваме во соодветни кафези и штом се врати рефлексот на голтање, ги екстубираме и следиме до нивно целосно будење.