Универзитетската ветеринарна болница почна со работа во новите капацитети на Факултетот за ветеринарна медицина-Скопје


Факултетот за ветеринарна медицина-Скопје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје од денес ги става во функција новите капацитети и опрема на Универзитетската ветеринарна болница во земјава.

Универзитетската ветеринарна болница сега има на располагање приближно 500м2 простории за вршење ветеринарна дејност кои сочинуваат една функционална целина која е единствена во земјава и пошироко во регионот со ваков капацитет.

Болницата е дизајнирана за општи и специјалистички прегледи на домашните миленици и е опремена со најсовремена апаратура, поседува две комплетно опремени хируршки сали со апарати за инхалациона анестезија, болнички стационар, стоматолошки кабинет, дијагностичка лабораторија со современи апарати за биохемиска, паразитолошка, микробиолошка и молекуларна диајгностика, нова опрема за рендген дијагностика како и ултразвучна и ЕКГ-дијагностика.

Универзитетската ветеринарна болница е потврдена и од официјалните служби на Агенцијата за храна и ветеринарство која е наделжна за Регистарот на овластени ветеринарни друштва кои констатираа во дека во неа се запазени сите прописи согласно Правилникот за условите за одобрување на ветеринарна амбуланта, ветеринарна клиника, ветеринарна болница и ветеринарна служба на одгледувалиште (Службен весник на РМ, бр. 124 од 5.7.2018 година). Според регистарот на АХВ ова е единствената овластена Ветеринрана болница во нашата држава која е одобрена од наделжните органи и има капацитети за сместување и нега на животни.

Во болницата работи високообучен тим на експерти, професори, соработници- докторанти сите специјалисти од различни области, кои се обучени во најсовремените центри за третман на домашни миленици.

Во делот на болничкото лекување, има посебен дел предвиден за сместување и терапија на животните, просторија за вештачко оплодување на животни со рана дијагностика на гравидитет како и капацитети за дијагностика на малигни заболувања и хируршки интревенции.

Сопствениците на домашните миленици, ќе добиваат совети и упатства за нивна нега и исхрана, превентивни вакцинации, контрола на паразити и најважно од се згрижување на итните и критичните случаи.

Со ова, Факултет за ветеринарна медицина – Скопје значително го зголеми ветеринарно-здравствениот капацитетит во нашата држава а Универзитетската ветеринарна болница со своите капацитети, опрема и професионален кадар се потврдува како лидер и двигател на модерната дијагностика, превентива и лекувањето на домашните миленици.