Првата успешно одржана VetNEST летна школа за Благосостојба на животни, Ветеринарна етика, Законодавство и Комуникациски вештини, Виена, Австрија

Низ светот, луѓето ги чуваат животните за најразлични причини, во зависност од својот политички, религиозен, културолошки, социо-економски статус. Како доктори по ветеринарна медицина, наша должност е да ја промовираме благосостојбата на животните, и да сме сигурни дека им се обезбедени основни животни услови, како и дека се заштитени од непотребен стрес, болка, повреда и страдање. Стресот и лошото здравје придонесуваат за економски загуби (намалена продукција, слаб квалитет) со што, и луѓето и животните имаат придобивки од добраta благосостојба на животните.

VetNEST e мрежа на Факултети за ветеринарна медицина од Виена, Брно, Будимпешта, Кошице, Љубљана, Вроцлав, Загреб, Белград, Скопје и Тирана, поддржана од CEEPUS програмата. На ден 21.07 (понеделник) до 28.07.19 во Виена, Австрија успешно се одржа првата VetNEST Летна школа за Благосостојба на животни, Ветеринарна етика, Законодавство и Комуникациски вештини. Целта на оваа школа е да ја истакне важноста за познавање и примена на  благосостојбата на животните, ветеринарната етика и законодавство со фокус на продуктивните системи (интензивен и екстензивен, традиционален начин на одгледување на фармски животни).

На летната школа присуствуваа 31 учесник од земјите-членки во VetNEST , како и од Австралија и Шри Ланка.  Предавањата и работилниците ги водеа седум предавачи: Благосостојба на животните – проф. Д-р. Влатко Илиески и Мирослав Радески (ДВМ) oд Факултет за Ветеринарна медицина – Скопје (Центар за благосостојба); Ветеринарна етика – проф. Д-р. Хервиг Грим, Свења Спрингер (ДВМ) и д-р. Кристијан Дурнбергер од Факултет за Ветеринарна медицина – Виена (Vetmeduni); Ветеринарно законодавство – проф. Д-р. Кресимир Северин од Факултет за Ветеринарна медицина – Загреб; Комуникациски вештини – проф. Д-р. Метка Кухар (Љубљана).

Активностите се одвиваа од 09:00 – 19:00 ч. на Факултетот за ветеринарна медицина – Виена (Vetmeduni Vienna). За време на работилниците,  студентите беа поделени во тимови, каде заеднички им пристапуваа на различни проблематики од аспект на благосостојба, етика, законодавство и комуникација. Истотака, во склоп на активностите, беше посетена фарма за овци, каде учесниците имаа можност стекнатото знаење да го применат во пракса.

Со чест и задоволство ви ја најавуваме следната летна школа, која ќе се одржи во Охрид, Р.С.Македонија.

Во прилог е веб-страницата на Летната школа