Наставно-научниот кадар на Факултетот изврши тренинг-обука на научни работници од Ветеринарниот институт при Академијата за земјоделски науки на Таџикистан

Во рамките на континуираната соработка со заедничката дивизија на Организацијата за храна и земјоделие (FAO) и Меѓународната агенција за атомска енергија (IAEA), вработените од Факултетот за ветеринарна медицина-Скопје организираа тематски тренинзи за вкупно петмина научни работници од Ветеринарниот институт при Академијата за земјоделски науки на Таџикистан. Тренинзите беа реализирани под раководство на проф. д-р Кирил Крстевски, Раководител на Ветеринарниот институт при Факултетот, во период од два месеци (октомври-ноември), по програма изработена од наставно-научниот кадар на Факултетот и истите содржеа теоретски предавања и практични вежби за:

  • Серолошки техники и тестови за детекција и диференцијација на приоритетни болести кај животните и зоонози;
  • Молекуларни дијагностички техники, вклучително и напредни технологии за дијагностика и типизација,
  • Имплементирање, одржување и надзор на меѓународниот стандард за квалитет ISO 17025 во дијагностички лаборатории за здравствена заштита на животните.

Обучените кандидати стекнатото знаење ќе го имплементираат на тој начин што ќе обезбедат трансфер на совладаните техники во својата земја.

Факултетот со своето повеќегодишно искуство и богато портфолио на успешно реализирани меѓународни обуки продолжува да дава придонес во подобрување на регионалната и глобалната дијагностика на заразните болести кај животните, но и да ја шири својата мрежа на професионални контакти и институции со кои одржува блиска соработка.

Факултет за ветеринарна медицина-Скопје