УСПЕШНО ЗАВРШЕНА ОБУКА ЗА ПОЗНАВАЊЕ НА АНГЛИСКИ ЈАЗИК ВО РАМКИТЕ НА VETCOM ПРОЕКТОТ

Со успешно реализирани финални презентации, официјално ги завршивме обуките по англиски јазик и комуникациски вештини за наставниот и административниот кадар, во рамки на VETCOM проектот, поддржан од програмата Erasmus+.

Последната група учесници го заокружи своето учество со одлични резултати, со што се стекна со право на сертификат за успешно завршена обука.

Вкупно 85% од вработените ја поминаа обуката и се стекнаа со сертификат за познавање на англискиот јазик — резултат кој значително ги надмина првичните очекувања. Овој успех претставува сериозен чекор напред во унапредување на квалитетот на наставата, особено за потребите на студентите запишани на англиската програма.

Преку програмата, учесниците го подобрија своето јазично изразување и ги зајакнаа своите комуникациски и професионални вештини, неопходни за секојдневното работење во интернационален контекст.

Искрена благодарност упатуваме до тимот од Atlas Language School од Ирска, за нивната беспрекорна поддршка, трпеливост и професионализам. Нивната работа остави силен позитивен печат врз целиот процес на обука.

Во следната фаза од проектот, сертифицираните учесници ќе имаат можност за соработка со Факултетот за ветеринарна медицина при Универзитетот во Загреб, каде што ќе се овозможи размена на знаења, искуства и добри практики во наставата на англиски јазик. Веруваме дека ова партнерство ќе биде нова вредна алка во нашиот стремеж кон интернационализација и континуиран развој.

Со обука која ги надмина очекувањата и кадар кој сега е подготвен за нови предизвици, VETCOM проектот се поставува како столб на стратешкиот напредок во високото ветеринарно образование.