На 27.05.2022 година во организација на Факултетот за ветеринарна медицина – Скопје во соработка со Македонските ограноци на Светското здружение за наука во живинарството и Светската ветеринарна живинарска асоцијација се одржа собир Презентација на резултати од проектни активности во живинарството.
Од страна на доц. д-р Мирослав Ќосевски и проф. д-р Александар Додовски, на собирот беа презентирани добиените резултати од завршениот проект Мониторинг, морфолошка и молекуларна идентификација и филогенетска карактеризација на црвената вошка (Dermanyssus gallinae) во живинарските фарми во Република Македонија финансиран од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Со реализацијата на овој проект засегнатите страни добија информации за застапеноста и инфестацијата на ЦВЖ во македонските фарми, но и со знаења од областа на континуираниот мониторинг и современите практики за контрола на популацијата на ЦВЖ во живинарските фарми. Исто така, проектот обезбеди добра основа за отворање на нови превентивни и биосигурносни национални програми и протоколи во живинарските фарми.
На собирот беа презентирани и резултатите од тековниот проект Надзор и молекуларна епидемиологија на авијарните парамиксовируси и вирусите на авијарната инфлуенца во Кина и Македонија – билатерален проект со Универзитетот во Џилин, Кина финансиран од страна на МОН. Во рамките на досегашните истражувања се анализираа повеќе стотици примероци од различни видови и категории на птици од целата територија на Македонија додека во рамките на пасивниот мониторинг беа откриени три жаришта на Њукастелската болест и две жаришта на авијарната инфлуенца. Со напредни генетски анализи се утврди потеклото на вирусите и нивната вируленција што може да послужи за подобра подготвеност при идни епидемии. Имајќи ги во предвид сознанијата добиени за вирусот се дадоа препораки на надлежните ветеринарни власти за модификација на вакциналниот програм против Њукастелската болест особено кај бројлерски јата со што во иднина ќе се овозможи подобрена заштита против оваа болест.
Покрај презентациите на нашиот кадар, свое излагање имаше и проф. д-р Данијела Хорватек Томиќ од Ветеринарниот факутлет во Загреб на тема Актуелна ситуација со живинарството во Хрватска.
Научните истражувања овозможија Факултетот за ветеринарна медицина – Скопје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје како научна установа да биде дел од актуелните глобалните научни текови и европската мрежа на релеватни научни институции. Со овој собир резултатите од овие проекти покрај нивната научна вредност станаа достапни и за стопанството и надлежните органи.
Програмата, на собирот може да ја погледнете на следниот линк.