Лабораторијата за беснило од 1 јануари 2013 година е и авторизирана лабораторија од страна на Европската комисија (Official Journal of the European Union, 6.12.2012: COMMISSION IMPLEMENTING DECISION of 4 December 2012 authorising a laboratory in the former Yugoslav Republic of Macedonia to carry out serological tests to monitor the effectiveness of rabies vaccines) за тестирање на титарот на антитела кај кучиња, мачки и ласици со тестот FAVN (Fluorescens-antibody-virusneutralizations test, вирусна неутрализација со флуоресцентни антитела). Овој тест се изведува со цел за патување во странство на наведените миленици (или проверка на поствакциналниот титар). Притоа, од нашата лабораторија, клиентот ќе добие валиден резултат кој е признат во сите земји членки на Европската заедница.
Во лабораторијата за беснило во Ветеринарниот институт при Факултетот за ветеринарна медицина во Скопје (ФВМС) дијагностиката на беснило се изведува со методот на флуоресцентни антитела (FAT) и изолација на вирусот на беснило на култури на клетки (RTCIT). Покрај тоа се спроведуваат и анализи за детекција на биомаркер (тетрациклин) во заби од лисици како индикатор за внесување на вакцинални мамки во кампањите за орална вакцинација на лисици против беснило.
За сите овие методи лабораторијата редовно учествува на т.н. Proficiency тестирања организирани од страна на референтна лабораторија на Европската Унија за беснило (ANSES – EURL for rabies, Nancy, France) со одлични резултати. FAT методот како и методот за детекција на биомаркер се акредитирани според стандардот ISO 17025.