Факултетот за ветеринарна медицина – Скопје како водечка високо-образовна и истражувачка институција во државата за тестирањa од областа на Антимикробната отпорност (АМО), беше предмет на евалуација на своите активности од страна на експертска комисија на Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ECDC), EFSA и DG-SANTE.
Во периодот од 29.01 до 02.03.2024 година Факултетот за ветеринарна медицина – Скопје, учествуваше во активности поврзани со агендата “Едно здравје”- посета за АМО на Северна Македонија. Мисијата беше дел од активностите за поддршка на земјата за унапредување на концептот “Едно здравје” одговор против АМО на Западен Балкан, во организација на Европскиот центар за контрола на болести (ECDC) и Европската Унија. Активностите беа организирани од страна на Министерство за здравство и Агенција за храна и ветеринарство. Во текот на посетата преставници на Факултетот за ветеринарна медицина-Скопје, учествуваа на состаноците со националните тела и другите органи во државата, како и на состаноците на Мулти-секторската комисија за контрола на антимикробната отпорност и тимот на ECDC, EFSA и DG SANTE. Експертите за Здравје на животните и Безбедност на храната (EFSA & DG SANTE), го посетија Факултетот за ветеринарна медицина-Скопје при што беа запознаени со историјатот, кадровските и техничките капацитети на Институтот за храна и Ветеринарниот институт. Во оваа прилика беа презентирани начините на спроведување на активностите на лабораториите на факултетот вклучени во имплементација на хармонизираниот мониторинг на АМО за зоонотските и коменсалните изолати добиени од животни од кои се произведува храната, како дел од програмата за АМО на Република Северна Македонија. Воедно, беше дискутирано за надзорот, превенцијата и контролата на АМО, како и за резултатите од истражувањата на факултетот во секторите на домашните миленици и животната средина.
Од страна на професорите и соработниците на ФВМ-Скопје беа презентирани лабораториските методи, опремата и просториите на факултетот во кои се врши тестирање на примероците за спроведување на националниот монторинг за АМО. Покрај препорачаната метода за тестирање на АМО со регулативата на ЕК, беше презентирана и современата аналитичка опрема со која располага факултетот, MALDI-TOF и WGS кои се неопходни за идното пријавување на резултатите за АМО од националниот мониторинг во базата на EFSA. Во рамките на работната посета беа презентирани и резултатите од тестирање за АМО од изолатите добиени од животни од кои се произведува храната, потоа дивите животни, како и отпадните води од објекти за преработка на храна од животинско потекло. Во фокусот на екпертската мисија беа и студиските програми на факултетот во делот на обука на студентите од прв и втор интегриран циклус, специјалистичките стручни студии, како и студиите од трет циклус т.е докторските студии поврзани со проблематиката со АМО. Воедно беа презентирани начините и содржините на додипломската и постдипломската едукација на студентите, како и можностите за пренос на знаења и стекнување вештини од лабораториските активности на студентите.
Меѓудругото, беа претставени и активностите на Лабораториите на ФВМ-Скопје поврзани со работењето на Европската референтна лабораторија за АМО, учество во бројните обуки и работилници во организација на референти европски институции, учеството и резултатите од тестовите за оспособеност и меѓулабораториските тестирања, како и учеството на меѓународни проекти. Посебен осврт беше даден на добиените резултати од досегашните проекти финансирани од страна на ФВМС, научните трудови публикувани во списанија со фактор на влијание, како и резултатите од Докторските дисертации и научни публикации, презентирани на меѓународната конференција Денови на ветеринарна медицина организирана од страна на факултетот. Со тоа беа претставени и начините на кој факултетот преку своите истражувачки активности придонесува за проширувања на сознанијата за АМО во сите сектори на ветеринарната медицина, дисеминација на знаењата кај научната и стручната јавност, како и надлежните органи во државата за контрола на АМО. Исто така, во оваа прилика беше презентирано и научното списание Македонски ветеринарен преглед чиј издавач е факултетот, во кое експертскиот кадар на Факултетот за ветеринарна медицина-Скопје и меѓународни експерти ги публикуваат добиените резултати од своите истражувања. На крај, преставници на Факултетот учествуваа во завршниот состанок на кој беа презентирани наодите и препораките од експертите на мисијата кои ќе бидат публикувани во конечен извештај на мисијата за состојбата со АМО во Република Северна Македонија.
Со овие активности Факултетот за ветеринарна медицина-Скопје, како и досега, ги претстави своите активности пред меѓународните експерти, во областите на ветеринарната едукација, апликативната и истражувачката дејност во борбата со АМО и подготвеноста за изградба на национални капацитети кои се од интерес на државата.