Почесен доктор (Doctor honoris causa) за проф. Д-р Јозеф Лауринчик на Факултетот за ветеринарна медицина при Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје

На 5 ноември 2021 година, во аулата на Ректоратот на  Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје се одржа свечена промоција за доделување на титулата почесен доктор (doctor honoris causa) на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј”во Скопје за д-р Јозеф Лауринчик, професор на Универзитетот “Константин Филозоф” во Нитра, Р Словачка.

Промоцијата на титулата почесен доктор (doctor honoris causa) на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје ја изврши ректорот на УКиМ, проф. д-р Никола Јанкуловски, во присуство проректорите на УКиМ, претседателот на Универзитетскиот сенат, деканот на Факултетот за ветеринарна медицина проф. д-р Лазо Пендовски, продеканите на Факултетот, сенаторите преставници од ФВМС и дел од наставно-научниот кадар на Факултетот.

Оваа титула на проф. д-р Јозеф Лауринчик му е доделена во знак на признание за афирмацијата на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје во научната светска заедница како и за неговиот придонес во проширувањето на научните и едукативните капацитети на Факултетот за ветеринарна медицина во Скопје.

Проф. д-р Јозеф Лауринчик дипломирал во 1985 година на Ветеринарниот универзитет во Кошице, Чехословачка и се стекнал со титулата доктор по ветеринарна медицина (ДВМ). Со титулата PhD се стекнал во 1989 година на Словачката Академија на Науки во Чехословачка, а со титулата Доктор на Ветеринарниот Универзитет во Хановер, Германија во 1995 година. Од 1996 година е вонреден професор на Ветеринарниот Универзитет во Кошице, Република Словачка, додека во 1997 година на Чехословачката Академија за науки се стекнува и со титулата Доктор на науки. Од 2001 година проф. д-р Јозеф Лауринчик е редовен професор на Универзитетот „Константин Филозоф“ во Нитра, Р. Словачка.

Професионалната активност на проф. д-р Лауринчик е во областа на анималната ембриологија и вклучува истражувања на суперовулација, ембриотрансфер и ултрасонографија кај крави, матурација и фертилизација на ооцити од крави, свињи и луѓе, ин-витро култивирање на ембриони од цицачи, ауторадиографија на ниво на светлосна микроскопија, скенирачка и трансмисиона електронска микроскопија, имунохистохемија и анализа со радиоимуноесеј (RIA).

Проф. д-р Јозеф Лауринчик повеќе од 18 години работи на афирмација и проширување на научните капацитети на Факултетот за ветеринарна медицина-Скопје при  Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Избран за визитинг професор на Факултетот за ветеринарна медицина – Скопје, при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје по предметот Хистологија со ембриологија, член е на меѓународниот уредувачки одбор на  научното списание Macedonian Veterinary Review индексирано во престижните Web of Science и Scopus, има објавено стручни книги во ко-авторство со професори од Факултетот за ветеринарна медицина – Скопје, автор е на научно-поголем број на истражувачки трудови во индексирани списанија во соработка со ко-автори од Факултетот како и изработка на научноистражувачки проекти.

Со изборот на проф. д-р Јозеф Лауринчик за почесен доктор на науки (doctor honoris causa), ФВМ-С и УКиМ добија врвен научник и едукатор, човек кој повеќе децении работи во дејноста и ја шири научната мисла, а во својата работа строго се држи до принципите на научната етика.

Повеќе информации за научниот опус на проф. д-р Јозеф Лауринчик можете да најдете тука.

Факулетет за ветернарна медицна-Скопје

Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје