Пендовски: Иновативното истражување на проф. Грунлан за SMP имплантите за поправка на коскени дефекти нуди голем потенцијал

Иновативно истражување за SMP имплантите за поправка на коскени дефекти на Мелиса А. Грунлан, познат експерт за биомедицински инжинеринг од Универзитетот А&М во Тексас (TAMU), беше дел предавањето кое таа го одржа на Факултетот за Ветеринарна Медицина – Скопје со наслов „Self-fitting, Shape Memory Polymer Scaffolds for Bone Defect Repair“, за примена на мемориски полимерни (SMP) импланти за корекција на бројни коскени неправилности и дефекти.

– Факултетот за Ветеринарна Медицина – Скопје имаше голема чест што беше домаќин на ваков истакнат говорник. Иновативното истражување на проф. Грунлан за SMP имплантите за поправка на коскени дефекти нуди голем потенцијал и сме благодарни за можноста да учиме од неа, рече деканот на Факултетот за Ветеринарна Медицина – Скопје, проф. д-р Лазо Пендовски.

Тој додаде дека и во иднина ќе има истражувања кои ќе продолжат да ги поместуваат границите на биомедицинскиот инженеринг и да ги подобрат резултатите како во хуманата, така и во ветеринарната медицина.

Предавањето привлече разновидна група на присутни, вклучувајќи биомедицински истражувачи, медицински професионалци и студенти од различни области, сите желни да учат од еден од водечките експерти во биомедицинскиот инженеринг.

Презентацијата на проф. Грунлан ги истакна можностите на SMP имплантите за корекција на коскените дефекти и ги покажа нејзините иновативни стратегии и истражувања во врска со подобрување на карактеристиките на овие материјали.