На 5 ноември 2021 година, во аулата на Ректоратот на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје се одржа свечена промоција за доделување на титулата почесен доктор (doctor honoris causa) на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј”во Скопје за д-р Јозеф Лауринчик, професор на Универзитетот “Константин Филозоф” во Нитра, Р Словачка.
Промоцијата на титулата почесен доктор (doctor honoris causa) на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје ја изврши ректорот на УКиМ, проф. д-р Никола Јанкуловски, во присуство проректорите на УКиМ, претседателот на Универзитетскиот сенат, деканот на Факултетот за ветеринарна медицина проф. д-р Лазо Пендовски, продеканите на Факултетот, сенаторите преставници од ФВМС и дел од наставно-научниот кадар на Факултетот.
Оваа титула на проф. д-р Јозеф Лауринчик му е доделена во знак на признание за афирмацијата на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје во научната светска заедница како и за неговиот придонес во проширувањето на научните и едукативните капацитети на Факултетот за ветеринарна медицина во Скопје.
Проф. д-р Јозеф Лауринчик дипломирал во 1985 година на Ветеринарниот универзитет во Кошице, Чехословачка и се стекнал со титулата доктор по ветеринарна медицина (ДВМ). Со титулата PhD се стекнал во 1989 година на Словачката Академија на Науки во Чехословачка, а со титулата Доктор на Ветеринарниот Универзитет во Хановер, Германија во 1995 година. Од 1996 година е вонреден професор на Ветеринарниот Универзитет во Кошице, Република Словачка, додека во 1997 година на Чехословачката Академија за науки се стекнува и со титулата Доктор на науки. Од 2001 година проф. д-р Јозеф Лауринчик е редовен професор на Универзитетот „Константин Филозоф“ во Нитра, Р. Словачка.
Професионалната активност на проф. д-р Лауринчик е во областа на анималната ембриологија и вклучува истражувања на суперовулација, ембриотрансфер и ултрасонографија кај крави, матурација и фертилизација на ооцити од крави, свињи и луѓе, ин-витро култивирање на ембриони од цицачи, ауторадиографија на ниво на светлосна микроскопија, скенирачка и трансмисиона електронска микроскопија, имунохистохемија и анализа со радиоимуноесеј (RIA).