Безбедност на храна – докторски студии од трет циклус

Овие студии, како и сите докторски студии на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ се одвиваат во рамките на Школата за докторски студии при Универзитетот. Наменети се за едукација на сите оние кои сакаат да се вклучат во синџирот на управување со храната со цел обезбедување на квалитетот и безбедноста на храната која со глобализацијата на пазарот доби меѓународно значење. Денес кога свеста на потрошувачите е на многу високо ниво, кога конкуренцијата на пазарот со храна е многу голема, кога Македонија е во процесот на интеграција на светскиот пазар, произведувањето на безбедни прехранбени артикли станува многу важно и потребата од високостручен кадар од оваа област е неопходна. Примената на нови технологии и сè поголемиот број на додатоци во произвоството на храна со цел продолжување на нејзиниот рок на употреба и разновидноста, бара сериозни анализи за проценка на ризикот на безбедноста на храната и управување со ризикот. Поради тоа потребни се соодветно образувани стручњаци кои треба да ги дадат сите потребни знаења и вештини за развој и имплементација на нови методи и техники со цел осигурување на безбедноста на прехранбените производи на пазарот. Докторските студии по безбедност на храна непосредно се надоврзуваат на додипломските студии на Факултетот за ветеринарна медицина во кои студентите се стекнувааат со неопходните знаења и вештини кои се темелат на запознавање со анализите, разбирање и објаснување на процесите кои се случуваат во производствениот синџир, како и на законските регулативи во областа на управувањета со храната во склад со интернационалните стандарди.
Студиска програма е во траење од 3 години (6 семестри) и содржи вкупно 180 ЕКТС кредити при што секој кредит соодветствува на 30 часови вкупен работен ангажман.
Вкупниот број на кредити (180) се стекнува на неколку полиња односно составни делови на третиот циклус (докторски) студии:

  • Обука за истражување = 30 ЕКТС:
    – Три задолжителни предмети за стекнување генерички знаења = 12 ЕКТС, и
    – Докторски семинари, конференции и работилници за истражувачка практика = 18 ЕКТС;
  • Едукација со седум предмети од подрачјето и областа на истражување = 30 ЕКТС, и
  • Пријава, изработка и одбрана на докторската дисертација = 120 ЕКТС

Наставата по предметните програми се изведува на македонски и/или англиски јазик во зависност од јазичната хомогеност, односно хетерогеност на студентите на соодветната предметна програма. Докторската теза се пишува на македонски и/или на англиски јазик. Одбраната на докторската теза е јавна, на македонски или на англиски јазик.
Со завршувањето на оваа студиска програма, кандидатот се стекнува со високообразовната квалификација (титула) доктор на науки по безбедност на храна.
Подетално за оваа студиска програма може да се види овде.