Интернационална ветеринарна студентска организација (IVSA) претсавува меѓународна асоциација на студентите по ветеринарна медицина основана 1951 година во Утрехт – Холандија. Асоциацијата брои повеќе од 50 членки низ целиот свет и е постојано ангажирана на воспоставување врски со земјите кои не се нејзини членки. Како локален огранок IVSA Македонија при Факултетот за ветеринарна медицина во Скопје станува дел од големото IVSA семејство на 20.07.1994 година по летниот конгрес во Берлин. Нашиот локален комитет во членството на IVSA е регистрирано под уставното име на нашата земја.

IVSA Македонија во склоп на светската IVSA со седиште во Копенхаген ги има следните цели и задачи: подобрување на квалитетот на студиите, размена на искуства и информации, меѓусебно помагање (донација на литература и други помагала), овозможување на работа на научни проекти, запознавање со новите достигнувања од ветеринарната медицина, како и организирање на групни и индивидуални размени на студентите, учество на студентите на симпозиуми и конгреси во организација на светската IVSA, како и на локални собири во организација на поедини факултети за ветеринарна медицина, а се со цел остварување на поголема активност и информираност на студентите членови на IVSA.

Во досегашниот период IVSA Македонија со успех работи и дејствува благодарение на ангажирањето на сите студенти кои биле и се уште се нејзини членови, како и благодарение на подршката која IVSA Македонија ја добива во изминативе 12 години од Факултетот за ветеринарна медицина. Успесите се согледуваат преку активностите кои IVSA Македонија ги има реализирано во претходните години. Тие активности вклучуваат учество на сите конгреси и симпозиуми од 1994 год. па наваму, реализација на многубројни групни размени, летни студентски пракси низ скоро сите земји на Европа и во САД, организација на IVSA Macedonian ”Lake Week” како и многу други IVSA активности. И В С А Македонија врши упис на нови членови на почетокот на секоја студиска година. Членови можат да бидат сите студенти на Факултетот без разлика на годината на студии.