Чест ми е да ви го претставам Факултетот за ветеринарна медицина во Скопје, со 87 години традиција како научна установа, односно 24 години како висока наставно- научна образовна институција. Ветеринарната професија денес низ целиот свет минува низ значајни преобразби, базирани на јавниот интерес

и насочени кон обезбедување на висококвалитетни ветеринарски услуги.
Сe поголемиот развој на ветеринарно-медицинската наука на сите полиња (нови сознанија за природата на болестите, нови дијагностички техники и начини на терапија), како и сe поголемото значење на безбедноста на храната, ветеринарното јавно здравство, здравствената заштита на животните, репродукцијата и благостојбата на животните и заштитата на животната средина, доведоа до значајно усложнување на задачите, улогата и одговорноста на докторите по ветеринарна медицина во секојдневната практика.
Поради ова, неопходно е нивно приспособување кон овие нови улоги и потреби, со цел зачувување и унапредување на професијата доктор по ветеринарна медицина. Современата ориентација на ветеринарната едукација за потребите на новото време е приоритетна задача на Факултетот за ветеринарна медицина.

На Факултетот, главна цел е да се создаде модерен доктор по ветеринарна медицина, кој не само што ќе поседува квалитетно образование, туку и ќе биде способен своето стручно знаење континуирано да го обновува во текот на целиот свој работен век, со што ќе се зголемува способноста за пружање на што поквалитетна професионална услуга. За ова да се постигне потребно е приспособување на локалните можности и особености на заедницата во која живееме и работиме, од една страна, како и задоволување на критериумите дадени во директивите на ЕУ, наменети за регулираните професии, за идните доктори по ветеринарна медицина да бидат конкуренти не само во земјава, туку и на меѓународниот пазар на трудот. Поради сево ова, едукацијата ја насочивме кон создавање доктори по ветеринарна медицина кои ќе знаат да се справуваат со најразлични практични проблеми врзани не само со здравствена заштита на животните и безбедноста на храната, туку и со прашања врзани со репродукцијата и благосостојбата на животните и екологијата. За да бидат конкурентни, тие ќе треба да поседуваат вештини и знаења со мултидисциплинарен пристап.
Факултетот за ветеринарна медицина-Скопје го сочинуваат три института, преку кои интегрално се одвива наставно-научната дејност.
Факултетот располага со најсовремена опрема за вршење на анализи за квалитет и безбедност на храната наменета за исхрана на луѓето и животните која е на ниво на современите центри кои работат во ова подрачје во регионот. Исто така, постојаната и задолжителна едукација на наставно-научниот, научниот и соработничкиот кадар во референтни центри, лаборатории и институци од оваа област во странство е гаранција за следење на современите трендови. Методите со кои се вршат анализите се акредитирани во Институтот за акредитација на Република Македонија и се во согласност со меѓународно прифатените стандарди. Постојаните контакти со операторите со храна по должина на целиот синџир на храната “од фарма до трпеза” – концепт, преку постојана комуникација за унапредување на производството и апликација на најсовремените системи на производсвто и преработка на храната се гаранција за квалитет и зажтита на здравјето на населението. Покрај тоа на Факултетот има лаборатории за дијагностика и контрола на заразните болести кај домашните животни, особено на оние кои можат да се пренесат на луѓето или поради големите економски загуби се од јавен интерес, поради што нивната контрола и сузбивање е регулирана со закон.
Целовкупните потенцијали од лабораториите на Факултетот се ставени во функција на пренесување на знаењата преку курикулумот на ФВМ-С во текот на образовниот процес. Со тоа студентите, идните доктори по ветеринарна медицина се стекнуваат со знаења и вешнитни кои можат да бидат применети во индустријата за храна, Агенцијата за храна и ветеринарство како и другите високо образовни институции во земјата.
Факултетот за ветеринарна медицина едуцира студенти способни да ги совладуваат предизвиците на времето во кое живеат и работат според концептот нашироко прифатен во Европа – „ветеринарна медицина + хумана медицина = едно здравја за сите“, т.е. доктори по ветеринарна медиција кои грижејќи се за здравјето на животните се грижат исто така и за здравјето на луѓето а тоа е есенцијата на сите реформи на Факултетот за ветеринарна медицина во Скопје.

Декан,
Проф. д-р Лазо Пендовски