Лабораторијата за квалитет на сурово млеко при Факултет за Ветеринарна Медицина врши испитување на примероци сурово млеко за млекопроизводителите и за млекопреработувачите.
Во лабораторијата се вршат следните анализи:

  • Квантитативно одредување на бактериолошкиот квалитет
  • Детекција и конфирмација на инхибиторни субстанции
  • Одредување на содржината на масти, протеини и лактоза
  • Енумерација на соматски клетки

Сите анализи во лабораторијата се вршат со опрема специјализирана за индустријата за млеко. Опремата која што се користи во лабораторијата е следната:

  • Foss Milkoscan 4000: апарат кој врши хемиска анализа на млекото (масти, протеини, лактоза, суви материи);
  • Foss Fossomatic 5000: апарат за броење на соматските клетки во млекото;
  • Foss Bactoscan 8000S: апарат за одредување на вкупниот број на микроорганизми во млекото;
  • Bentley Bactocount IBC: апарат за одредување на вкупниот број на микроорганизми во млекото;
  • Funke Gerber Cryostar: инструмент кој ја одредува точката на смрзнување на млекото т.е. процентот на додадена вода;
  • DSM Delvotest SP-NT: тест за утврдување на присуство на инхибитори (антибиотици) во млекото.

На 19.12.2008 лабораторијата ја заврши акредитација на сите методи согласно со стандардот МКС ИСО/ИЕЦ 17025:2006. Со ова ги исполни сите критериуми кои беа потребни за Агенцијата за храна и ветеринарство (бивша Управа за Ветеринарство) на 27.03.2009 да издаде решение на нашата лабораторија како одобрена лабораторија за испитување на квалитетот на суровото млеко.
Оваа Лабораторија поради својата независност, присуството на добро едуциран кадар од сите научни полиња, опременоста со специјализирани инструменти и апарати за вршење на анализи на сурово млеко, можноста за вршење едукативни и консултативни тренинзи со млекопроизводителите, одличната соработка со докторите по ветеринарна медицина и ветеринарните инспектори кои се секојдневно на терен и во контакт со млекопроизводителите, е секако најдобрата солуција во поглед на контролата на суровото млеко и за млекарите и за фармерите.
Во наредниот период лабораторијата секојдневно ќе продолжува да соработува со сите инволвирани страни во индустријата за млеко (млекопроизводители, млекопреработувачи, доктори по ветеринарна медицина и ветеринарни инспектори), ќе работи со сточарите на интензивни обуки за добра производна пракса, на припрема на писмени упатства за правилно чување и ракување со млекото и на обука на лицата за земање на примероци млеко на откупните (собирните) пунктови.