Кабинетот за визуели дијагностички методи е строго наменски и специјално конструиран и изграден за да може да одговори на законот за заштита од јонизирачко зрачење и радијациона сигурност, а се со цел безбедно функционирање и нештетно влијание на околните простории во институцијата и надворешната средина. Како резултат на претходно наведеното, факултетот за ветеринарна медицина, односно кабинетот за визуелно-дијагностички методи успешно ги исполни условите за работа пропишани според законот, што е потврдено од страна на Дирекцијата за радијациона сигурност на Р. Македонија со издавање на соодветна Дозвола за вршење на дејност со извори на јонизирачко зрачење. Со исполнувањето на законските обврски, услови и прописи за безбедно работење, овој визуелно-дијагностички кабинет е единствен од оваков тип во Р. Македонија, односно единствен кој што ги поседува сите услови за безбедна работа со сите видови домашни животни (големи и мали) како и сите видови домашни миленици.

Целиот простор е поделен на Сала за снимање, предавална и темна комора.

Салата за снимање е просторот кој што е наменски и специјално конструиран за да може да ги исполни сите услови пропишани со законот за заштита од јонизирачко зрачење и радијациона сигурност. Обложен е со лим од олово т.н. оловна кошулка која како целина представува Фарадеев кафез кој што соодветно е заземјен за максимална безбедност. Во него е поставен ренгенскиот уред, а пациентите имаат пристап во кабинетот преку наменските два влеза, за големи и мали животни. Дијагностиката со помош на „х“-зраците се изведува на два начини, односно воведна дијагностика и специјална дијагностика. Како воведна дијагностика се користат рентгенското просветлување (ренгеноскопија) и рентгенското снимање (рентгенографија). Специјалната дијагностика се користи за потврдување и прецизирање на воведното снимање во процесот на дијагностиката со употреба на „х“-зраците. Имено, овдека припаѓаат методи на дијагностика со употреба на контрастни средстава, позитивни и негативни, произведени за таа намена и соодветни органи и/или органски системи. Кабинетот, покрај дијагностичката намена (рентгеноскопија и -графија), целосно ги исполнува и условите за употрба на рентгенскиот апарат во тераписки цели.

Предавалната е опремена со два негатоскопи кои се користат за дијагностика на извршените снимања, вежбање и учење на студентите. Истата просторија обезбедува услови за да се изведуваат и методолошките единици од пропишаното наставно градиво за студентите по предметот Визуелни дијагностички методи.

Темната комора исто така е наменска просторија која служи за добивање на готови рентгенограми. Во таа просторија се изведува развивањето на ренгенските филмови, од т.н. „латентна“ снимка до траен рентгенограм. Развивањето на филмовите може да се изведува рачно и автоматизирано во специјално конструирана машина за таа намена.

Кабинетот за визуелно-дијагностички методи во целина, како дел на факултетот за ветеринарна медицина, функционира двонаменски, односно дијагностички и едукативно.