Започна процесот на евалуација на Универзитетот

Тргнувајќи од определбата за континуирана проверка, оцена, обезбедување и подобрување на квалитетот во сите домени на своето дејствување, на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје е започнат процесот на евалуација, самоевалуација и надворешна евалуација на Универзитетот.

Согласно со обврските што произлегуваат од Законот за високото образование и од Правилникот за работата на Одборот за акредитација и евалуација, во делот во кој се регулирани прашањата и процедурата за спроведување евалуационен процес на универзитетите во Република Македонија, по завршувањето на процесот на самоевалуација, на Универзитетот ќе се спроведе надворешна евалуација од Одборот за акредитација и евалуација на високото образование.

Во правец на следење на европските и светските искуства во високото образование и како одговор на препораките од третата институционална евалуација спроведена од страна на Европската асоцијација на универзитети (ЕУА), на иницијатива на УКИМ, во учебната 2014/2015 година ќе се реализира и четврта надворешна евалуација од експертски тим номиниран од ЕУА.

Целта на претстојните надворешни евалуации, како на национално така и на меѓународно ниво е да придонесат кон идентификување на влијанието на досегашните евалуациони процеси, согледување на стекнатите искуства од имплементираните промени, поттикнување натамошни промени и, посебно, афирмирање на вредностите и постигнатите резултати на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во домашното и европското опкружување.

Комисијата за евалуација на УКИМ, формирана од Универзитетскиот сенат ја започна работата за изготвување на Извештајот за самоевалуација, во кој ќе биде опфатен последниов тригодишен период (2010/2011-2012/2013). Во рамките на процесот на самоевалуација се предвидува и изведување на посебна студентска анкета.

За постигнување на овие цели, се известуваат наставно-научниот, соработничкиот кадар, административните служби и студентите при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје дека е неопходна нивната соработка и активно вклучување во претстојните активности поврзани со самоевалуацијата и надворешната евалуација.

Го очекуваме вашиот придонес за успешно реализирање на овој значаен проект на УКИМ!

Линк до писмото до деканот во врска со евалуацијата на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.